И покрај примирјето, нови тензии во Персискиот Залив
И покрај примирјето, нови тензии во Персискиот Залив. Американската централна команда изврши напад во јужен Иран. Според Вашингтон, Техеран се обидувал да постави мини во Ормускиот теснец. Нападите следуваат откако двете страни објавија дека ги приближиле позициите. Во Катар разговори за точките во потенцијалниот договор за прекин на војната...

САД извршија нови напади во јужен Иран врз ракетни локации и бродови кои се обидуваат да постават мини во Ормускиот теснец. Централната команда тврди дека акциите биле преземени во самоодбрана. Неколку членови на иранската револуционерна гарда биле убиени, Техеран обвини за кршење на примирјето. Нападите следуваат откако завојуваните страни објавија дека ги приближиле позициите. Американскиот државен секретар Рубио изјави дека договор е сè уште можен и теснецот мора да биде отворен на еден или друг начин.
„Нашата позиција е добро наведена, претседателот имаше многу важен, историски разговор пред само неколку дена со голем број лидери од регионот. Мислам дека постои силна усогласеност и договор за тоа како треба да изгледа прелиминарниот нацрт. Мислам дека ќе бидат потребни неколку дена за да се решат несогласувањата дури и за еден збор, реченица. Ако има договор, ќе мора да го надминеме тоа. Или ќе биде добар или нема да има договор“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Во Катар, разговори за точките во потенцијалниот договор за прекин на војната. Меморандумот за разбирање наводно вклучува 60-дневно продолжување на прекинот на огнот, повторно отворање на Ормускиот теснец и план за преговори за нуклеарната програма на Исламската република. Иранците не се оптимисти дека преговорите ќе донесат решение.
„Не може да има договор бидејќи барањата на двете страни се многу оддалечени, а доколку постигнат договор, тоа би значело дека целата оваа војна би била бескорисна, а улогата на Америка би била доведена во прашање“.
„Ние ги загубивме нашите старешини, лидери. Тие нема да се договорат толку лесно. Можеби еден процент од Америка ќе чека 60 дена поради претстојното светско првенство, но 100 проценти ќе нападнат потоа“.
„Не сакам војна затоа што им штети на луѓето, нивните домови се уништени, луѓето гинат, ги губат своите најблиски. Од друга страна, не сакам никој да не присилува. Ова е наша земја и го сакам Иран. Сакам да бидеме во стабилна ситуација и се да биде мирно“.
Според иранските медиуми, камен на сопнување во преговорите САД – Иран е Либан и продолжените воени дејствија на Израел. Тел Авив објави дека ги интензивира акциите против Хезболах. Милитантната група се противи Либан да учествува на директните преговори со Израел во сад закажани за почетокот на јуни.
Маријана Димовска
