Македонија и Хрватска потпишаа меморандум за соработка во енергетиката
Македонија и Хрватска денеска во Охрид потпишаа Меморандум за разбирање и соработка во енергетскиот сектор, како и Договор за стратешка соработка меѓу двете влади. На бизнис форумот што се одржа во рамки на посетата на хрватската делегација беа претставени можности за нови проекти и инвестиции во енергетиката.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и министерот за економија на Хрватска Анте Шушњар денеска во Охрид го потпишаа Меморандумот за разбирање и соработка во енергетскиот сектор меѓу двете земји.
Во рамки на посетата на високата хрватска делегација, предводена од премиерот Андреј Пленковиќ, беше потпишан и Договор за стратешка соработка меѓу владите на Македонија и Хрватска, кој го потпишаа премиерите Христијан Мицкоски и Андреј Пленковиќ.
Посетата беше заокружена со бизнис форум на кој учествуваа претставници на македонската и хрватската бизнис заедница, а беа претставени и можностите за реализација на нови проекти и инвестиции во енергетскиот сектор.
Министерката Божиновска истакна дека енергетската сигурност денес е и геополитичко и безбедносно прашање, нагласувајќи дека регионалната соработка и заедничките инфраструктурни проекти се клучни за стабилен и отпорен енергетски систем.
Со меморандумот се предвидува соработка за зајакнување на енергетската безбедност, развој на регионални интерконекции, интеграција на обновливи извори на енергија, усогласување со европските енергетски правила и размена на знаења и искуства.
