МПЦ-ОА

Формирана комисија за решавање на материјалната состојба на новоформираните епархии

26.05.2026 18:16

Усвоени годишните извештаи од епархиите на Македонската православна црква-Охридска архиепископија во Македонија и во дијаспората. На седницата на Синодот, посебно внимание било посветено на показателите за демографската состојба на македонското население. Ќе се формира фонд за поддршка на многудетни семејства.

Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на редовна седница формирал комисија за решавање на материјалната состојба на новоформираните епархии со кои раководат владиците, кои некогаш беа дел од Православната охридска архиепископија на Вранишковски. Владиците разговарале и за демографските движења во земјата.

„Светиот синод ги разгледа и ги усвои годишните извештаи од епархиите на МПЦ – ОА во татковината и дијаспората, при што обрна посебно внимание на оние показатели кои сведочат за демографската состојба кај македонскиот православен народ. Воден од пастирска грижа, Светиот архијерејски синод, одлучи да формира Фонд за поткрепа на многудетни семејства“, соопштуваат од МПЦ-ОА.

Синодот со жалење констатирал дека заради немање доволно стручни кадри кои би го конзервирале, духовното и културното богатство на македонските храмови и манастири се наоѓа во лоша состојба.

Во соопштението не пишува дали Синодот разговарал за критиките кои владиката Петар ги упати кон останатите владици. Тој неодамна ја критикуваше и Вселенската патријаршија.

Миле А. Ристески