Израел изврши нови напади во Либан
Израелската војска соопшти дека погодила повеќе од 100 инфраструктурни локации и борци на милитантната група и покрај тековните напори за прекин на огнот и планираните директни разговори со либанските претставници во Вашингтон...

Десетици луѓе се убиени во интензивен бран израелски напади низ јужен и источен Либан, откако израелскиот премиер Нетанјаху вети дека ќе ги засили воените дејствија против Хезболах. Израелската војска соопшти дека погодила повеќе од 100 инфраструктурни локации и борци на милитантната група и покрај тековните напори за прекин на огнот и планираните директни разговори со либанските претставници во Вашингтон.
„Под мое водство и на министерот за одбрана, заедно со началникот на Генералштабот, ја продлабочуваме нашата операција во Либан. Израелските одбранбени сили дејствуваат со големи сили на терен и ги заземаат контролираните области. Ја зајакнуваме безбедносната зона за да ги заштитиме северните заедници“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
ООН повикува да се избегне каква било ескалација.
„Сега повеќе од кога било, императив е да се избегне каква било ескалација на конфликтот кој веќе одзеде голем број цивилни жртви, а кој ризикува потрагата по мир да ја направи уште подалечна, продолжувајќи го страдањето на луѓето“, изјави Фархан Хак, портпарол на ООН.
Претходно, Хезболах соопшти дека почнале ракетни, артилериски и напади со беспилотни летала, насочени кон израелските војници и возила што се мобилизираат по должината на реката Литани.
