Блиски Исток

И покрај напорите за прекин на огнот, Израел изврши нови напади во Либан

27.05.2026 10:20

Израел изврши нови напади во Либан врз цели на Хезболах и покрај напорите за прекин на огнот и планираните директни разговори со либанските претставници во Вашингтон. Во исто време во Газа, ликвидиран висок командант на Хамас. Обединетите нации повикаа да се избегне каква било ескалација во и онака кревката состојба на Блискиот Исток. Кина објави дека работи на деескалација на тензиите во Иран.Ги повика завојуваните страни да се стремат кон прекин на огнот и да го вратат мирот...

Десетици загинати во израелски напади низ јужен и источен Либан, откако израелскиот премиер Нетанјаху објави засилени воените дејствија против Хезболах. И покрај тековните напори за прекин на огнот и планираните директни разговори со либанските претставници во Вашингтон, израелската војска соопшти дека погодила повеќе од 100 инфраструктурни локации и борци на милитантната група.

„Под мое водство и на министерот за одбрана, заедно со началникот на Генералштабот, ја продлабочуваме нашата операција во Либан. Израелските одбранбени сили дејствуваат со големи сили на терен и ги заземаат контролираните области. Ја зајакнуваме безбедносната зона за да ги заштитиме северните заедници“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Претходно, Хезболах соопшти дека почнале ракетни, артилериски и напади со беспилотни летала, насочени кон израелските војници и возила што се мобилизираат по должината на реката Литани. Во исто време, Израел објави дека ликвидирале висок командант на Хамас во Газа. ООН повикаа да се избегне каква било ескалација во и онака кревката состојба на Блискиот Исток.

„Сега повеќе од кога било, императив е да се избегне каква било ескалација на конфликтот кој веќе одзеде голем број цивилни жртви, а кој ризикува потрагата по мир да ја направи уште подалечна, продолжувајќи го страдањето на луѓето“, изјави Фархан Хак, портпарол на ООН.

Пекинг работи на деескалација на тензиите во Иран, изјави шефот на кинеската дипломатија. Ги повика завојуваните страни да се стремат кон прекин на огнот и да го вратат мирот. Техеран не отстапува од три клучни барања, зачувување на нуклеарната инфраструктура, признавање на иранската улога во надзорот и безбедноста на Ормускиот теснец и ослободување на замрзнатите средства погодени од санкции.

„Одржувавме комуникација и координација со главните засегнати страни, како и со важните регионални и меѓународни партнери. Веруваме дека суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на сите земји во регионот мора да се почитуваат. Цивилните и невоените цели мора да бидат заштитени. Безбедноста на премините и енергетската инфраструктура мора да биде заштитена, а одредбите од режимот за неширење на нуклеарно оружје мора да се спроведат“, изјави Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.

Претходно Иран објави дека САД извршиле грубо кршење на примирјето со новите воздушни напади на југот од земјата. Централната команда на САД соопшти дека иранските ракетни локации и бродовите што се обидуваат да постават мини во Ормускиот теснец биле нападнати во самоодбрана.

 

Маријана Димовска