Култура

Националниот џез оркестар конечно добива нови простории

27.05.2026 16:24

По години функционирање без сопствен простор и под постојани импровизации – националниот џез-оркестар конечно добива свој дом. Со адаптација на новите простории, оркестарот ќе добие услови за проби, работа и создавање нови музички проекти. Место каде нема да се создава само музика, туку и нови продукции, работилници и простор за млади таленти. Центар што треба да стане ново јадро на џез културата.

По повеќегодишно функционирање без сопствен дом, Националниот џез оркестар за три месеци ќе добие нови простории. Со адаптација на објектот, оркестарот ќе добие услови за проби, административна работа и реализација на музички проекти, што музичарите со години го посочуваа како еден од најголемите предизвици во нивното функционирање.

Министерот за култура и туризам, Љутков, посочи дека до крајот на годинава треба да се обноват 7 објекти на институции, со што Скопје ќе добие слика на современ, отворен и автентичен европски културен центар. Метрополата се подготвува за „Скопје град на културата“.

Министерството и Град Скопје потпишаа меморандум за унапредување на културата, туризмот и културно-туристичката понуда на главниот град.

„Меморандумот претставува важен чекор во подготовките за „Скопје 2028 – европска престолнина на културата“ и има за цел посилна институционална координација во развојот и промоцијата на културните и туристичките потенцијали на градот“, соопштија од Град Скопје.

Надлежните ветуваат дека до крајниот рок ќе се стигне до вистинска трансформација на градот.

Ана Јосифоска