Опозицијата бара референдум за интеграциите
„Нема повеќе идентитетски отстапки за влез во ЕУ, подготвени сме да ја платиме цената“ – оваа позиција на премиерот Мицкоски, изнесена на средбата со хрватскиот колега Пленковиќ отвора многу прашања, вели лидерот на СДСМ Филипче. Toj предупреди дека цената ќе ја платат граѓаните, и затоа опозицијата побара референдум за продолжувањето на европскиот пат и за нивната судбина. Власта категорична – уставните измени не се последниот услов, Бугарија има пошироки барања кон Македонија...

Власта нема ниту политичко, ниту морално право да ги попречува македонските евроинтеграции и затоа треба да распише референдум, па граѓаните да одлучат во кој правец ќе оди државата. Ова го побара лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој ги оцени како катастрофални потезите што се преземаат на патот кон ЕУ и потсети дека Брисел очекува резултати.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека нема да се прават компромиси со државните интереси. Велат дека Бугарија има пошироки барања кон земјава кои задираат во македонскиот идентитет, историја и културно наследство и не се однесуваат само на внесување на неколку илјади бугари во Уставот.
Во контекст на повикот на премиерот за обединување околу националните интереси, од СДСМ побараа Мицкоски да објасни на што точно се однесува повикот и рекоа дека за нив – обединувањето подразбира уставни измени и споделена одговорност за да може државата да излезе од ќорсокакот на евроинтеграциите.
Анита Димитријевска – Велковска
