Празник

Прослава на Курбан Бајрам

27.05.2026 18:05

Верниците од исламска вероисповед го празнуваат Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петтиот темел на Исламот. Државниот врв со честитки до верниците.

Човекот не се мери само по она што го има, туку и по она што е подготвен да го сподели. Оваа духовна порака е симболот на еден од најголемите муслимански верски празници, Курбан Бајрам. Познат и како празник на жртвата, тој носи пораката за посветеност, вера и подготвеност човекот да се откаже од своето, за повисока морална цел. Овој празник нè потсетува на важноста на жртвувањето, хуманоста и помагањето на ранливите категории, порача поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, Реис ул- улема Ефенди Шаќир Фетаи.

Честитки по повод празникот упати и државниот врв, со пораки за солидарност, разбирање и меѓусебна почит.

„Само преку разбирање, заемно уважување и култура на почит, различностите можат да бидат предност, а не слабост, да станат мост, а не препрека, да прераснат во единство, надминувајќи ги поделбите“-се вели во честитката на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.

„Курбан Бајрам е повик за поголемо единство, мир и хармонија во нашето општество, зацврстувајќи ја вербата дека само заедно можеме да изградиме подобра иднина за сите граѓани. На Курбан Бајрам се обновуваат највисоките вредности на солидарноста, разбирањето и меѓусебната почит“, порака на претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши.

„Во духот на празникот да продолжиме заеднички да градиме општество на разбирање, единство и почитување, каде различностите се наша сила, а заедништвото наша иднина“, се вели во честитката на премиерот Христијан Мицкоски.

„Вистинските вредности се во солидарноста, подадената рака и подготвеноста секому да се помогне. Да не заборавиме дека силата на едно општество се мери токму преку тоа колку сме обединети, хумани и подготвени заеднички да ги надминуваме предизвиците“, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Одбележувањата на Курбан Бајрам продолжуваат и во следните два дена.

Марија Котовска