Образование

Електронски свидетелства за учениците

27.05.2026 17:29

Се менуваат правилата во образованието. Се привршуваат законите за високо образование, основците, пак, ќе добиваат електронски свидетелства, како чекор кон дигиталната трансформација на училиштата.

Учениците кои оваа година завршуваа прво, второ и трето одделение освен свидетелства како и досега, успехот за своето знаење ќе го имаат и во електронска форма. На само две недели пред крајот на учебната година, министерката за образование Весна Јаневска најави дека се подготвени за воведување на оваа новина. Следи период на приспособување на наставниците. Електронските свидетелства ќе придонесат за поефикасно и поточно внесување на податоците – оценува Јаневска. Планот е во текот на следните две години да има електронски свидетелства за учениците со завршено основно образование.

„Од оваа година воведуваме електронски свидетелства од прво до трето одделение. Со оглед дека е прва година ќе има и печатени свидетелства. Очекуваме наставниците да се приспособат на новите електронски свидетелства, што ќе биде огромно олеснување за нив, наместо да пишуваат на рака свидетелства, ќе можат на компјутер да ги пополнат побрзо, поефикасно и поточно, бидејќи се влечат податоците од Е-дневник. Следната година ги додаваме четврто, петто и шесто, а за третата година да завршиме со деветто и цело основно образование. Заштедуваме на хартија и уписот во средно ќе ги влече податоците од електронските свидетелства“, изјави министерката Јаневска.

Законот за високо образование, пак, е при самиот крај, ресорното министерство има мали забелешки од техничка природа, вели министерката Јаневска. Таа најави дека законот во текот на идната недела најверојатно ќе се најде на владина седница.

Со Законот за високо образование се уредуваат основните начела за вршење на дејностите на високото образование, автономијата на универзитетот, правата и обврските на студентите и надзорот над работата на високообразовните установи.

Марина Стојанова-Тонева