Војната може да доведе до влошување на жариштето на ебола во Конго, предупреди СЗО
Светската здравствена организација предупреди на катастрофален судир на болест и конфликт во регионот засегнат од ебола во Конго. Шефот на организацијата ги повика завојуваните страни да се договорат за итен прекин на огнот. Во меѓувреме, Канада воведува привремена забрана за влез на жители на Конго, Уганда и на Јужен Судан...

Светската здравствена организација предупреди на катастрофален судир на болест и конфликт во регионот засегнат од ебола во Конго. Шефот на организацијата ги повика завојуваните страни-владините трупи и бунтовничкото движење М23, да се договорат за итен прекин на огнот со цел жариштето да биде ставено под контрола.
„Не можеме да изградиме доверба во заедницата или да ги изолираме болните додека паѓаат бомби. Повикуваме да се даде приоритет на преживувањето на луѓето пред сè друго“, напиша генералниот директор на СЗО во објава на социјалната мрежа „x“.
Како последица на постојаните борби, луѓето често се принудени да ги напуштат своите домови, па оние кои имале контакт со инфицирани лица не можат да се држат настрана од останатите во преполните бегалски кампови.
„Погледнете во каква состојба спиеме. Немаме никаква помош. Немаме сапун ни вода, а сепак ни велат редовно да ги миеме рацете и да бидеме чисти. Како да бидеме чисти без сапун или вода? Гледате, чешмите се суви“, рече Франсин Леве Јангузи, раселено лице.
„Оваа болест е многу застрашувачка. Нашата влада треба да направи сè што е можно за да најде решение за ова“, додаде Жерар Маки, лидер на раселените лица.
Во меѓувреме, Канада воведува привремена забрана за влез на нејзина територија за државјани и жители на Конго, Уганда и на Јужен Судан, како мерка поврзана со епидемијата на ебола во Африка. Забраната ќе важи 90 дена, почнувајќи од денес, со цел да се намали ризикот од внесување и ширење на вирусот. Воведување слични мерки планираат и властите на Бахамите.
„Во овој момент нема да издаваме нови документи. Ако имате патна исправа за да дојдете во Канада, нема да можете да ја користите сè додека не заврши ризикот за јавно здравје. Доколку е потребно, мерките ќе ги продолжиме, измениме или укинеме порано, врз основа на тоа како ќе се развива ситуацијата“, изјави Лена Метлеге Диаб, министерка за имиграција, бегалци и државјанство на Канада.
Според СЗО, вирусот во конго и во Уганда се шири побрзо од капацитетот на службите да го контролираат. Веќе се пријавени над 900 сомнителни и најмалку 220 смртни случаи.
Катерина Бојаџиева
