Американската војска одново нападна цели во Иран
Американската војска одново нападна цели во Иран. Иранската војска возврати со удар врз воздухопловна база. Кувајт пријави дека пресретнале непријателски ракети. Трамп предупреди дека договорот со Техеран мора да биде совршен. Се закани дека ќе го крене во воздух Оман поради планот за патарина на Ормускиот теснец. Шефот на Белата куќа дециден, иранскиот ураниум не смее да заврши во рацете на Москва или Пекинг.

Во услови на кревко примирје и преговори за ставање крај на војната, американската војска одново нападна цели во Иран кои биле закана за Ормускиот теснец. Иранската војска објави дека возвратила со удар врз воздухопловна база. Кувајтската армија пресретнала непријателски беспилотни летала и ракети. Американскиот претседател предупреди дека договорот со Иран мора да биде совршен, но не прифаќа краткорочно решение што ќе им овозможи на Иран и Оман да го контролираат важниот проток.
„Тоа се меѓународни води. Никој нема да го контролира. Ние ќе го чуваме, но никој нема да го контролира. Тоа е дел од преговорите што ги водиме. Тоа се меѓународни води. И Оман ако не се однесува исто како и сите други ќе мора да ги дигнеме во воздух“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Трамп истакна дека сојузниците од Заливот им должат на САД да ги потпишат Абрахамовите договори, насочени кон нормализирање на односите со Израел. Ја отфрли можноста Иран да ги префрли своите залихи од високо збогатен ураниум во Русија или Кина. Од Техеран велат дека нема да се повлечат од своите црвени линии и покрај притисокот од Вашингтон.
„Реториката на Трамп нема да го потисне Иран од своите црвени линии, правото да збогатува и поседува збогатен ураниум, авторитетот над Ормускиот теснец и отстранувањето на санкциите. Очигледно е дека Трамп, барајќи излез од овој стратешки ќорсокак оди напред-назад помеѓу закани и апелирање за договор“, објави шефот на Комитетот за национална безбедност на иранскиот парламент, Ебрахим Азизи.
Примирјето на тест и во Либан. Израелската војска издаде наредби за евакуација за делови од јужен Либан поради нови напади врз Хезболах, претходно беше напади јужниот град Тир.
„Многу сме загрижени што Израел инсистира и мисли дека војната е единствената можност и единствениот начин да се поврзе со другите народи на Блискиот Исток. Наредбата за прогласување за воена зона на југот на Либан е целосно неприфатлива. Тоа е спротивно на меѓународното право“, изјави Хозе Мануел Албарес, министер за надворешни работи на Шпанија.
Слободната пловидба и кревката состојба на Блискиот Исток тема на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на Кипар.
Маријана Димовска
