СДСМ бара Владата да овозможи референдум за уставни измени
СДСМ бара Владата да овозможи референдум за уставни измени и да не ја држи Македонија во заложништво и во изолација. Со внесувањето на Бугарите во Уставот не се загрозени националниот идентитет и македонскиот јазик, велат од „Бихаќка“. Ппрво уставни измени, потоа редефинирање на историјата и идентитетот, до таму е спремен да оди специјалниот пратеник на Радев, Венко Филипче, со истата поданичка политика, мислејќи дека така ќе дојдат на власт, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ...

Власта и опозицијата во нова политичка пресметка, по барањето на СДСМ граѓаните на референдум да се изјаснат дали се за уставни измени. Од „Бихаќка“ ја обвинија Владата на Мицкоски дека не сака членство на Македонија во Европската унија, бидејќи како што велат, во Европа има правда и одговорност за криминалот и корупцијата.
Прво уставни промени, а потоа редефинирање на историјата и идентитетот, до таму е подготвен да оди специјалниот пратеник на Радев, Венко Филипче, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, Филипче е на иста линија со Виктор Стојанов од таканаречената фондација „Македонија“, која шири говор на омраза кон Македонците, го негира македонскиот идентитет и ја претставува македонската историја како бугарска, како и со новата бугарска министерка за надворешни работи.
Владата го отфрли предлогот на Филипче за организирање референдум за европската иднина на државата, оценувајќи дека нема потреба од трошење време и средства за таква иницијатива. Од „Илинденска“ порачаа дека членството во Унијата останува стратешка цел на државата што се потврдува со конкретни чекори и политики што веќе се спроведуваат.
Ирина Гелевска
