Финансии

Од 1 јули дополнително намалување на царините за 70 суровини и репроматеријали

28.05.2026 20:12

Владата го усвои Предлог-законот за измена на Царинската тарифа со кој од 1 јули 2026 година ќе се намалат и целосно усогласат со ЕУ царинските стапки за 70 стоки што ги користи домашната индустрија. Од Министерството за финансии очекуваат мерката да ја зголеми конкурентноста на македонските компании, извозот, инвестициите и вработувањата.

Од 1 јули 2026 година ќе се изврши дополнително намалување и целосно усогласување на царинските стапки со оние што важат во Европската Унија за 70 стоки што како суровини, репроматеријали и компоненти се користат во домашната индустрија.

Како што соопшти Министерството за финансии, Владата на денешната седница го усвоила Предлогот за измена на Законот за Царинска тарифа, со кој се продолжува процесот на постепена хармонизација со европските царински правила.

Измените претставуваат продолжение на законските измени од минатата година, кога од 1 јули 2025 година беше извршено намалување на царинските стапки до 50 проценти од нивото на стапките што се применуваат во Европската Унија.

Мерката е насочена кон поддршка на домашните производствени капацитети, особено во автомобилската, металопреработувачката индустрија и металургијата, со цел зголемување на извозната конкурентност на македонската економија.

Од Министерството посочуваат дека измените се подготвени во консултација со Стопанската комора и дека се очекуваат позитивни ефекти врз индустриското производство, извозот, девизниот прилив, инвестициите и бројот на вработувања.