Расте довербата во институциите и задоволството од работата на Собранието
Граѓаните ја оценуваат работата на Собранието со повисока оценка трета година по ред, покажува најновото истражување. Иако довербата во институциите бележи благ раст, мнозинството испитаници и натаму сметаат дека државата се движи во погрешна насока.

Задоволството на граѓаните од работата на Собранието бележи континуиран раст трета година по ред, покажува најновото истражување „Поглед на Собрание: Перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Северна Македонија (2026)“.
Според истражувањето, граѓаните работата на Собранието ја оценуваат со 2,7 на скала од 1 до 5, што е подобрување во однос на 2025 година кога оценката изнесувала 2,5, а во 2024 година 2,3.
Истражувањето покажува и умерен раст на довербата во институциите. Довербата во Собранието се зголемила од 4,6 во 2025 на 4,8 во 2026 година на скала од 1 до 10. Највисока доверба граѓаните и натаму имаат во војската и верските заедници, додека судството и јавното обвинителство остануваат со најниски оценки.
Како најслаба алка и натаму се издвојува надзорната улога на Собранието. Дел од испитаниците сметаат дека Владата има поголемо влијание врз законодавниот дом отколку што Собранието ја контролира извршната власт.
Позитивно поместување е забележано и во перцепцијата за насоката во која се движи државата. Процентот на граѓани кои сметаат дека Северна Македонија се движи во правилна насока пораснал од 17 проценти во 2024 на 28 проценти во 2026 година. Сепак, 51 процент од испитаниците и понатаму сметаат дека државата се движи во погрешна насока.
Истражувањето е нарачано од Националниот демократски институт, а спроведено од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка на Владата на Швајцарија.
