Здравство

Законот против пушење следната недела пред пратениците

28.05.2026 18:22

Министерот за здравство Алиу најави дека Предлог-законот против пушењето ги поминал сите филтри и следната недела ќе се најде пред пратениците. Се разгледува и зголемување на акцизите за тутунските производи, додека во есенцијалната листа на лекови, првпат ќе бидат вклучени средства за одвикнување од пушење.

Предлог-законот против пушењето ги поминал сите филтри, викендов ќе има уште еден состанок, а следната недела ќе се најде во собраниска процедура, најавува министерот за здравство Алиу.

Се размислува за зголемување на акцизите за тутунските производи. Ќе се ажурира есенцијалната листа на лекови и во неа првпат се ставени лекови за одвикнување од пушење и контрацептивни средства – трансдермалните фластери и никотинските гуми за џвакање.

Околу 12.000 луѓе годишно умираат не директно од пушење, туку од болести предизвикани од никотинот, како кардиоваскуларни и белодробни. 44,5 насто од населението во земјава се никотински зависници, а 9 насто од електронски цигари.

Светската здравствена организација апелира на превенција и подигнување на свеста кај децата за последиците од пушењето.

Кампањата против пушење 2026 опфаќа разоткривање на статегијата на тутунската индустрија, забрана на промоција и рекламирање на никотински производи и едукација на децата.

Александра Велинова