Сиљановска-Давкова: Нема логичен основ за т.н. шпионска афера
Нема логичен основ за таканаречена шпионска афера во претседателскиот кабинет. Сиљановска-Давкова вели дека сите дописи што ги добива од НАТО, Генералштабот и тајните служби се во печатена форма и никој освен неа не ги видел. Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за МТВ велат дека сѐ уште немаат добиено никакви докази од МВР. Од таму возвратија, предистражната постапка по закон подразбира тајност.

Нема логичен основ за таканаречена шпионска афера. Претседателката Сиљановска-Давкова останува на ставот-институциите не смеат да остават вакви сомнежи во полутемнина. Како што рече шефицата на државата, дописите што ги добива од НАТО, од Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Генералштабот се во печатена форма и како што рече, никој освен неа не ги видел.
Отфрла каква било можност за евентуален интерес од НАТО за нешто што и во државните институции не е потврдено. Одговорот секако ќе се добие ако се отвори постапка, децидна претседателката.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, за МТВ велат дека сè уште до нив нема доставено никакви докази. Деновиве остра реторика на релација Обвинителство-МВР откако беше наведено дека Министерството доцни со доставувањето на анализите и доказите поврзани со предметот.
Оттаму возвратија дека предистражната постапка по закон подразбира тајност. Министерот Тошковски во интервју за „360 Степени“ предупреди дека објавувањето детали може да влијае врз самата постапка.
Анализата на електронските докази е во завршна фаза и по нејзиното комплетирање материјалот ќе биде доставен до Обвинителството за гонење организиран криминал.
Милчо Велески
