Продолжува доказната постапка за трагедијата во „Пулс“
Судот денеска разгледуваше докази поврзани со сопственоста, лиценците и имотната историја на дискотеката „Пулс“. Од Обвинителството најавуваат дека и во наредниот период ќе бидат презентирани нови материјали поврзани со трагедијата во која загинаа 63 лица.

На денешното рочиште се изведуваа материјални докази од Обвинителството кои се однесуваат на објектот, неговата сопственост и движењето на имот – целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на дискотеката „Пулс“. Од обвинителството беше презентирана и лиценца издадена во 2012 година од Министерството за економија, за која велат дека не била издадена за објектот каде што се случи трагедијата, туку за друг угостителски објект, на друга адреса и вршење угостителска дејност-кабаре.
Случајот за трагедијата во „Пулс“ кога животот го загубија 63 деца и млади лица, не може да се третира како обична несреќа. Тоа е системско замижување. Пожарот можеби го запали искра, но системот му ја отвори вратата-реагираа родителите на загинатите по барањето на Шилегов на претходното рочиште, преквалификација на делото како „несреќен случај предизвикан од пиротехника“.
Во текот на рочиштето одбраната на Митко Стојанов поднесе предлог за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерки на претпазливост образложувајќи дека тој повеќе од една година е без работа и без приходи и дека мора да работи за да го враќа хипотекарниот кредит, за да не остане без куќа.
Судот на почетокот на денешното рочиште им посочи на дел од одбраната дека доказите кои се презентираат од Обвинителството се обезбедени во оригинал и доколку сакаат може да извршат увид.
Доказната постапка продолжува и во наредниот период, се очекува од Обвинителството да презентира повеќе материјали околу трагедијата.
Ана Јосифоска
