Култура

Љутков: „Скопје 2028“ е можност за нова европска културна визија

29.05.2026 09:32

Културата е најсилниот инструмент на културната дипломатија и двигател на современото општество, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на 4. Форум за културна дипломатија „Скопје 2026“. Тој оцени дека проектот „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“ претставува можност за создавање нов модел на културна комуникација и долгорочна стратегија за развој на градот.

Во Скопје се одржа 4-от Форум за културна дипломатија „Скопје 2026“, посветен на темата „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков се обрати на тематската сесија „Визија за иднината: Скопје 2028 и моќта на креативноста“, што се одржа во Музејот на Град Скопје, при што ја истакна улогата на културата како еден од најсилните инструменти на културната дипломатија.

Според Љутков, титулата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ треба да се сфати како можност за создавање нова европска културна визија и простор за дијалог меѓу различни традиции, идентитети и искуства.

Тој нагласи дека Европа има потреба од градови што умеат да градат заеднички живот и културата да ја претвораат во јавна вредност и општествен капитал.

Министерот се осврна и на проектите за ревитализација и отворање на културното наследство кон јавноста, при што ги посочи Скопското Кале, Скопскиот аквадукт и археолошкиот локалитет Скупи како значајни делови од идниот културен развој на главниот град.

„Вистинскиот успех на Скопје 2028 нема да се мери само преку бројот на посетители и настани, туку преку тоа дали културата ќе стане долгорочна општествена стратегија“, порача Љутков.

Тој изрази уверување дека „Скопје 2028“ ќе биде креативен момент во кој главниот град ќе ја претвори културата во свој најсилен дипломатски јазик и препознатлива европска биографија.