Тревога по падот на рускиот дрон во Романија
Беспилотно летало лансирано од Русија заврши во станбена зграда во Романија, по што избувна пожар. Во инцидентот се повредени две лица. Романскиот претседател го свика Врховниот совет за национална одбрана. Букурешт бара забрзување на испораката на системи за противвоздушна одбрана. Од НАТО велат дека продолжува да се работи на зајакнување на одбраната на земјите – членки. ЕУ најави уште поголем притисок за Москва.

Руски дрон лансиран кон Украина, се урна во станбена зграда во романскиот пограничен град Галац. По ударот избувнал пожар, полесно се повредени мајка и 14-годишно момче, десетици жители се евакуирани од објектот.
„Пораката РО-АЛЕРТ ме разбуди и веднаш потоа можевме да го чуеме дронот како се приближува. Имаше силна експлозија, да, но во моментот на ударот не видов никаков пламен. После тоа, сепак, избувна пожар.“
„Бев две улици подалеку. Веднаш по ро-алармот, се слушна многу силен тресок. Потоа ги собрав овие фрагменти од дрон од земјата. Не, не гореше интензивно, но може да се види дупка на покривот на зградата.“
„Имаше многу гласна експлозија. Искрено, повеќе не се чувствувам безбедно да се вратам дома“-велат евакуираните жители.
Претседателот Дан го свика Врховниот совет за национална одбрана. Романското МНР обвини за сериозна и неодговорна ескалација. Букурешт побара забрзување на испораката на системи за противвоздушна одбрана. Генералниот секретар на НАТО рече дека Алијансата продолжува да ја зајакнува подготвеноста за одвраќање и одбрана од сите закани. ЕУ најави уште поголем притисок за Москва.
„Во ваква ситуација, Романците треба да разберат дека Русија е закана за безбедноста на земјите во областа и војната што ја води против Украина влијае на сите од источното крило на НАТО. Ова не е напад од Русија врз Романија, но треба да бидеме свесни дека вакви ситуации се случиле и претходно и можат да се случат повторно“, изјави генерал Георге Максим, заменик-командант на заедничкиот штаб на романските вооружени сили.
На вонредната седница на Советот за безбедност, Генералниот секретар на Обединетите нации вели дека неодамнешната ескалација на борбите би можеле да ја доведат војната надвор од контрола.
„Сегашниот курс не е одржлив. Траекторијата мора да се промени. Спиралата на смртта мора да престане. Она што е потребно сега е итна и одржлива деескалација, целосен и безусловен прекин на огнот и повеќе дипломатија за да се создадат услови за праведен, траен и сеопфатен мир во согласност со Повелбата на Обединетите нации, меѓународното право и резолуцијата на Обединетите Нации“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Изминатото деноноќие и Одеса претрпе масовен напад од руски беспилотни летала, околу 4.000 луѓе останаа без струја на југот. Во Црно Море погодени се три комерцијални бродови кои се движеле по украинскиот поморски коридор.
Маријана Димовска
