Еден век традиција, фолклор, македонска песна
Кумановското културно уметничко друштво „Панче Пешев“ низ генерации ја чува културната ризница и ја претставува Македонија ширум светот. Еден век ја негува традицијата, фолклорот, македонската песна и оро.

Чувари на националната меморија и амбасадори на македонската култура во светот, се културно уметничките друштва. Преку фолклорот ја раскажуваат приказната за народот, обичаите, историјата и духот на едно време. Таков чувар на македонската традиција, фолклорот и културниот идентитет, веќе еден век, е културно уметничкото друштво „Панче Пешев“ од Куманово. Низ генерации играорци, музичари и ентузијасти, друштвото ја пренесува автентичната македонска песна и оро. На секој настап, македонската носија, музика и традиционална игра, добиваат признанија на културни манифестации низ Европа и светот.
„Од мали, средни, најголеми ветерани, со исто темпо ќе продолжиме да го негуваме и чуваме нашиот фолклор, традиција“, изјави претседателот на друштвото Зоран Илиевски.
Во „Панче Пешев“ членуваат дечиња од најмала возраст па се повозрасни. Денес заеднички се подготвуваат со голем концерт да го одбележат јубилејот.
„Имавме многу убави турнеи, дружења, им порачувам на сите возрасни и деца да се заразат од оваа болест за да можат цел живот да се среќни, да го прошетаат, светот, Европа и нашиот Балкан“, посочи Бранко Божиновски, долгогодишен член на КУД „Панче Пешев“.
„Еден значаен јубилеј, сто години јубилеј со кој можеби сме и први во Македонија“, дополни Давид Марковски, член на КУД „Панче Пешев“.
„Најубава ми е дружбата, турнеите“, истакна Миљана Ќириќ, член на КУД „Панче Пешев“.
КУД „Панче Пешев“ го организира и меѓународниот фолклорен фестивал, кој секоја година обединува ансамбли од различни земји. Оттаму потенцираат во време на брзи промени и модерни трендови, сепак ќе продолжат да ги учат младите да ја почитуваат традицијата, негуваат културното наследство и со гордост да го претставуваат својот идентитет.
Елена Георгиевска
