Груевски добил унгарско државјанство?
Експремиерот Груевски во 2022-та добил унгарско државјанство поради државен интерес – пренесува тамошен истражувачки медиум. Можноста за екстрадиција отежната, Министерството за правда порачува дека и натаму ќе ја тера постапката.

Македонската влада нема информација дали поранешниот македонски премиер Никола Груевски добил унгарско државјанство. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски, откако унгарски истражувачки медиум, повикувајќи се на владини извори од Будимпешта, објави дека Груевски пред четири години добил државјанство, со што неговата екстрадиција во Македонија станува значително отежната.
„И додека политичкиот азил може да биде укинат, одземањето на државјанството е многу покомплицирана процедура и бара докажување дека било стекнато со измама или корупција“, се вели во текстот.
Министерството за правда со внимание ги следи информациите поврзани со поранешниот македонски премиер. Оттаму велат дека Груевски и натаму останува државјанин на Македонија со правосилни судски одлуки, па затоа постапката за негова екстрадиција продолжува.
„Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки. Постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции. Во рамки на своите надлежности, Министерството и понатаму ќе ги презема сите неопходни правни и дипломатски чекори во комуникација со надлежните органи на Унгарија“, велат од Министерството за правда.
Поранешниот македонски премиер, Никола Груевски се наоѓа во Унгарија од 2018-та година. Во моментов има две изречени судски пресуди со затворски казни и уште два активни предмета.
Марија Котовска
