Евроинтеграции

Мицкоски пред средбата со Кошта: Нема нови идентитетски отстапки

29.05.2026 16:01

Немаме намера да правиме нови отстапки, би било некултурно да се очекува од нас преку ноќ да ја промениме позицијата, се бара решение кое нема да ги допре достоинството и идентитетот на македонските граѓани – ова е пораката што ја испрати премиерот Мицкоски пред посетата на првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Рано е за коментари – вели премиерот Христијан Мицкоски по идејата на германскиот канцелар Мерц за постепено интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската унија. Тој повеќе детали очекува да бидат презентирани на Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Тиват следната недела. Тие размислувања и идеи ги слушаме подолго време – посочи шефот на македонската влада.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта доаѓа во Македонија, а Мицкоски од разговорите со него, кои секогаш биле, како што вели отворени и конструктивни, очекува да се изнајде решение за вештачкото билатерално барање на Бугарија кон Македонија.

„Би било некултурно да се очекува да го промениме ставот преку ноќ, бидејќи не се исполнети предусловите што ние очекуваме да бидат исполнети, а кои ги заслужуваме“ – вели македонскиот премиер кој повтори дека нема отстапки ниту милиметар во однос на македонскиот идентитет.

Авантуристички политики на претходната власт го закочија процесот на отпочнување на преговори на нашата земја со ЕУ. Го коментираше и бугарскиот премиер Радев кој изјави дека ги убедувал европските лидери да се услови Македонија со измени во Уставот, кои би биле само почеток.

Не сме подготвени, подвлече премиерот, да влеземе во дополнителна авантура без да има јасно крај на овој процес.

Миле А. Ристески