Свет

САД, Британија и Австралија со заеднички проект за подводни дронови против новите безбедносни закани

30.05.2026 19:17

САД, Велика Британија и Австралија објавија дека во рамки на тројниот пакт „АУКУС“ ќе работат на производство на подводни дронови. Европа и НАТО треба да донесат големи одлуки, заврши времето кога САД ја плаќаа туѓата одбрана, став на секретарот за одбрана Хегсет. На годишниот дијалог Шангри-ла во Сингапур, шефот на Пентагон потенцираше дека САД не сакат конфронтации со Кина.

Американската војска не и го врти грбот на Азија, сакаме да избегнеме конфронтација со Пекинг и покрај военото засилување на Кина во регионот, истакна државниот секретар на САД. Првиот човек на Пентагон, на годишниот дијалог Шангри-Ла во Сингапур побара азиските сојузници да инвестираат повеќе во одбраната и рече дека Вашингтон повеќе нема да го носи товарот на богатите сојузници. Според Хегсет, Европа и НАТО треба да донесат големи одлуки, на САД им се потребни партнери, а не протекторати.

„Предолго време, учтивите молби до нашите европски сојузници да трошат повеќе за сопствената одбрана не наидоа на слух. Тие конечно се обидуваат да стигнат. Можете да ги имате сите правила што ги сакате и правилата се одлични, но ако не можете да ги поткрепите со сила, правилата не вредат ниту колку хартијата на која се напишани. Европа и НАТО треба да донесат некои големи одлуки и тоа многу брзо“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана САД.

САД, Велика Британија и Австралија ја објавија својата нова заедничка иницијатива во рамки на партнерството АУКУС, чиј примарен фокус е развојот и изградбата на подморници на нуклеарен погон, а сега ќе инвестираат во развој на подводни дронови.

„Ова ќе ни даде можност да откриваме, одвраќаме и да се справуваме со закани, вклучително и за нашите подводни кабли и цевководи, од кои зависи толку голем дел од нашиот секојдневен живот“, истакна Џон Хили, министер за одбрана на Велика Британија.

Австралискиот заменик-премиер изјави дека земјата е на добар пат да изгради домашни подморници до почетокот на 2040-тата година.

„Ова е најголемиот индустриски проект во историјата на Австралија. Сето ова претставува најголем скок во воениот капацитет на Австралија за повеќе од еден век, всушност, од основањето на морнарицата“, изјави Ричард Марлес, заменик-премиер на Австралија.

Тројниот сојуз, беше формиран во 2021 година за да се справи со растечката кинеска воена моќ во Азиско-пацифичкиот регион. Пактот кој се смета за најголемо одбранбено партнерство во изминативе децении, ќе опфаќа соработка во областа на вештачка интелигенција, кибер и квантни технологии.

Маријана Димовска