Иран се согласил да не развива нуклеарно оружје, тврди Трамп
Иран ветил дека нема да развива ниту купува нуклеарно оружје, објави американскиот претседател. Трамп нагласи дека претпочита дипломатско решение и се надева дека ќе се избегне воена ескалација, ги обвини медиумите за лажни вести во корист на Техеран. Блискиот исток и натаму како буре барут. Израелската армија зазеде стратешки важна планина во јужен Либан. Бејрут со критика за акциите на Тел Авив и тврди дека директните преговори со посредство на Вашингтон не гарантираат резултати и во исто време не значат предавање.

САД и Иран сè се поблиску до договор, но шефот на Белата Куќа вели дека е подготвен да заземе побавен пристап кон преговорите и покрај загриженоста за економските влијанија на војната и високите цени на енергенсите. Според американскиот претседател, Иран се обврзал дека нема да развива нуклеарно оружје, што е и појдовна точка на спорот меѓу двете страни. Трамп предупреди дека доколку не се постигне договор, работите ќе се одвиваат поинаку. Ги обвини медиумите за лажни наративи.
„Единствената гаранција што ми треба е дека нема да имаат нуклеарно оружје. Тие се согласија со тоа и тоа беше интересно. На почетокот рекоа: „Нема да развиваме нуклеарно оружје“. Јас реков: „Па, што би се случило ако купите нуклеарно оружје?“ Сега тие велат: „Нема да развиваме и нема да купуваме оружје на никаков начин“. Полека но сигурно го добиваме она што го сакаме, потребно е долго време, но не брзам, ако брзаме нема да постигнеме добар договор. Полека но сигурно го добиваме она што го сакаме. Ако не го добиеме она што го сакаме ќе го завршиме на поинаков начин. Иран е во многу лоша позиција. Тие немаат војска. Се што имаат е добар разговор и имаат лажен печат. Знаете, лажните вести се веројатно нивниот најголем адут“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Блискиот Исток и натаму е под напади. Израелската армија зазеде стратешки важна планина во јужен Либан каде што се наоѓа замокот Бофорт, тврдина од времето на крстоносните војни. Ова претставува најдлабоко продирање на либанска територија за повеќе од четвртина век. Контроверзниот израелскиот министер за национална безбедност, Гвир, побара срамнување со земја на областите во јужен Либан кои се упоришта на Хезболах.
„Бофорт е јасен пример за терористичка инфраструктура воспоставена под иранско спонзорство и ние работиме на уништување на оваа инфраструктура, од која беа извршени стотици напади врз северните заедници“, изјави Ела Вавеја, портпаролка на Израелската одбрана.
Либан со критика за воздушните напади од Израел. Властите велат дека директните преговори со посредство на Вашингтон не гарантираат резултати и во исто време не значат предавање.
„Она што го прави Израел не е само кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан, туку е и обид да се искорени сеќавањето на земјата и да се избрише историјата на нејзиниот народ. Израел мора да знае дека преку својата политика, нема да постигне ниту безбедност ниту стабилност. Наместо тоа, го продлабочува јазот со либанскиот народ и остава нови и длабоки рани во нивната колективна меморија“, изјави Наваф Салам, премиер на Либан.
Најновата војна меѓу Израел и Хезболах почна на втори март, кога Хезболах испука ракети во северен Израел, два дена откако САД и Израел го нападнаа нивниот главен поддржувач, Иран.
Маријана Димовска
