Екологија

Меѓународна акција за чистење на Охридското Езеро

31.05.2026 17:39

Во струшко Калишта се одржа четвртата меѓународна еко-акција „Нов живот за езерото“, во која нуркачи и волонтери го чистеа дното на Охридско Езеро од различен вид отпад. Целта е подигнување на свеста за заштита на езерото и спречување на понатамошно загадување.

Во струшко Калишта четврта меѓународна еко-акција „Нов живот за езерото“. Нуркачи, волонтери и еколошки активисти од земјава и соседството го чистеа езерското дно, целта е да се подигне свеста за поголема заштита . бидејќи секаков вид отпад завршува во езерските води.

„За жал, на дното има многу отпад од различен вид: стар градежен материјал и шут, гуми, конзерви, стакло, железо, керамика и слично. За жал, луѓето навистина оставаат големи количини отпад.“, вели Игор Ѓорѓевиќ од Нуркачкиот центар „Скаут“ – Струга.

Загадувањето претставува сериозна закана за биодиверзитетот на езерото, особено за ендемските растителни и животински видови по кои Охридското Езеро е единствено во светот. Се најавуваат засилени еко патроли.

„Тие ќе бидат составени од наши членови, извидници и нуркачи од Струга. Тие ќе изработуваат неделни извештаи и ќе ги доставуваат до Општина Струга и надлежните институции, со цел да се идентификуваат сторителите и да се преземат мерки за спречување на понатамошно загадување“, вели Маријан Главинчески претседател на Извиднички одред Струга.

„Мислам дека овој бисер на Македонија треба повеќе да се чува, да се заштити и да се одржува почист. Водата е навистина чиста – видовме и слатководни ракови, што е добар знак и мотив да продолжиме со вакви акции“, вели Саша Вукотиќ од нуркачкиот клуб „Аквалангист“

Годишно преку еко акции од дното на Охридското Езеро се подигнуваат десетици кубни метри отпад.

Соња Рилковска