Од крајот на јуни стартува меѓуградскиот воз Прилеп-Битола
Меѓуградскиот воз меѓу Прилеп и Битола се очекува да почне да сообраќа кон крајот на јуни или почетокот на јули, а се работи и на воспоставување на карго железнички сообраќај кон двата града. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при посетата на могила. Според Николоски, воведувањето на железничката линија е дел од напорите да се обезбеди алтернативен превоз додека трае изградбата на автопатот Прилеп-Битола.

Прилеп и Битола железнички се поврзуваат со меѓуградскиот воз. Линијата се пушта во сообраќај кон крајот на јуни или почетокот на јули, а се очекува да стартува и карго железничкиот сообраќај кон двата града. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакнувајќи дека железницата повторно ќе добие значајна улога и во превозот на патници и во транспортот на стоки.
Според Николоски, воведувањето на железничката линија е резултат на потребата од алтернативен и побрз превоз во периодот кога се реализира изградбата на автопатот Прилеп-Битола.
Тој најави дека линијата ќе биде пуштена во употреба во рок од еден месец и ќе сообраќа во термини кои ќе им одговараат на граѓаните.
Николоски информираше и дека се подготвува старт на товарниот железнички сообраќај кон Прилеп и Битола, посочувајќи дека веќе има интерес од компании кои сакаат да го користат железничкиот транспорт за превоз на стоки. Фирмите ќе можат да ги транспортираат поекономично суровините и производите.
Активирањето на железницата ќе придонесе и за намалување на загадувањето, заштита на патната инфраструктура и заживување на железничкиот транспорт во регионот.
Борис Грујоски
