Отворен конкурсот за наградата за најдобар превод „Драги“ 2026, ќе трае до 1 јули
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката дејност во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.

Отворен е конкурсот за наградата за најдобар превод „Драги“ 2026. Годинава приоритетен вид е поезијата и опфаќа поетски преводни дела (поезија за возрасни и деца, драми во стих, итн.) објавени во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2026 година. Конкурсот е отворен до 1 јули 2026 година
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката дејност во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.
Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени и од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик). Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи. Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу десет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу три книги.
Конкурсот е отворен до 1 јули 2026 година, информираат од Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.
Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од реномирани преведувачи, писатели, книжевни критичари и промислувачи на преводот како вештина.
Наградата се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
