Свет

Експлодира фабрика за пиротехника на Малта

01.06.2026 12:32

Денот на Малта почна со експлозија што ги разбуди жителите и ги затресе зградите. Фабрика за пиротехника буквално исчезна по силна детонација, чии последици се чувствувале километри далеку. Има повредени, пријавена е материјална штета, а цело подрачје е под силни безбедносни мерки.

Силна детонација, проследена со серија помали рано утрово го потресе подрачјето Магтаб на Малта, откако експлодира фабрика за пиротехника. Најмалку две лица кои биле во близина на фабриката, се повредени и пренесени во болница. Полицијата информира дека во моментот на несреќата, во објектот немало ниту еден од вработените во фабриката. Според извештаите, од силната детонацијата се треселе околните згради, жителите пријавиле и скршени прозорци. Очевидци наведуваат дека експлозијата се слушнала на голема оддалеченост.

Новинарот Игор Филевски, кој живее на Малта, за јавниот сервис го опиша немилиот настан.

„Денеска во Малта, рано утринава околу 6:30 минути се случи огромна експлозија каде што буквално некого разбуди, некого го потресе. Прво бевме збунети, но подоцна добивме официјална информација дека станува збор за експлозија од фабриката за пиротехника во Магтаб, односно експлодирала цела и веќе таа фабрика не постои. Беше страшна експлозија. Ние го почувствувавме само звучниот удар и тресење на зградите и прозорите“, изјави Игор Филевски, новинар и жител на Малта.

Пријавена е значителна штета на фармите во близина на фабриката. Постои загриженост за безбедноста на добитокот, но земјоделците не можат да се вратат во шталите сè додека областа не се оцени како безбедна.

На терен распоредени полициски и екипи на службите за цивилна заштита и итна медицинска помош, како и припадници на вооружените сили, кои го обезбедуваат местото.

Упатен е повик до граѓаните да не се приближуваат до зоната.

Катерина Бојаџиева