Тензии на Блискиот Исток, Иран и САД известија за нов бран напади
Тензии на Блискиот Исток. Иран и САД известија за нов бран напади. Централната команда на САД таргетираше ирански радарски системи, како и командни и контролни центри за управување со дронови. Исламската револуционерна гарда соопшти дека нападнале воздухопловна база. Во Кувајт се огласија сирени за воздушна одбрана. Тензиите остануваат високи и по должината на израелско-либанската граница...

Нова ескалација на Блискиот Исток. Вашингтон и Техеран известија за нов бран напади во период на интензивни, но засега безуспешни дипломатски разговори. Централна команда на САД потврди дека од воздух, во самоодбрана таргетирала цели во Иран како одговор на неодамнешното соборување американско беспилотно летало.
„Одмерените и намерни напади се случија во саботата и неделата како одговор на агресивните ирански акции, меѓу кои и соборувањето на американскиот дрон што леташе над меѓународни води. Американските борбени авиони брзо одговорија со елиминирање на иранската воздушна одбрана, контролната станица на земјата и два еднонасочни дрона за напад што претставуваа јасна закана за бродовите што транзитираат низ регионалните води“, објави Централната команда на САД.
Исламската револуционерна гарда соопшти дека таргетирала воздухопловна база што ја користат американските сили за напади врз јужен Иран. Во исто време, Кувајт објави дека воздушната одбрана отворила оган кон дојдовен бараж од ирански беспилотни летала и ракети.
„Соединетите Американски Држави, го кршат прекинот на огнот, вклучително и утрово. Иран ќе преземе какви било мерки што ги смета за неопходни за да ја одбрани националната безбедност“, изјави Есмаил Багнеи, портпарол на МНР на Иран.
Шефот на Белата Куќа вели дека сè се поблиску до договор, но подготвен е да заземе побавен пристап кон преговорите и покрај загриженоста за економските влијанија на војната и високите цени на енергенсите. Според Трамп, Иран се обврзал дека нема да развива нуклеарно оружје, што е и појдовна точка на спорот меѓу двете страни. Од Исламската република велат дека нуклеарното прашање не е на ред.
„Иран навистина сака да склучи договор, и тој ќе биде добар за САД и за оние што се со нас. Само седнете и опуштете се, на крајот сè ќе испадне добро – Секогаш е така!“, објави претседателот на САД, Доналд Трамп.
Тензиите остануваат високи и по должината на израелско-либанската граница, додека размената на напади меѓу Израел и Хезболах продолжува и покрај прекинот на огнот постигнат со посредство на САД. За Иран, прекинот на огнот во Либан е суштински услов за каков било договор насочен кон завршување на војната.
Маријана Димовска
