Згрижувачките семејства – најблиску до вистинскиот дом за децата без родителска грижа
Во земјава моментално има 384 згрижувачки семејства кои се грижат за 664 деца, но надлежните и организациите кои работат во оваа област бараат дополнителни мерки и стимулации за зголемување на нивниот број.

Да се биде згрижувач не значи само да се отвори домот, туку и срцето за дете кое има потреба од семејство. Домовите како форма за згрижување веќе не функционираат. Заменети се со мали групни домови и згрижувачки семејства, како најблиска форма на биолошкото кое поради смрт на родителите, семејно насилство, сиромаштија или други причини, децата го изгубиле. Се бараат нови подзаконски решенија и повеќе стимулации за да се зголеми бројот на згрижувачки семејства во земјава. Во моментов има 384 згрижувачки семејства во кои се сместени 664 деца.
Секое семејство што ќе згрижи дете добива од државата 22.000 денари месечен надоместок. Но не секој може да биде згрижувач, постојат услови кои семејствата треба задолжително да ги исполнуваат. Да се вработени и психофизички здрави и да не се осудувани.
СОС Детско село е еден од трите згрижувачки центри во земјава и тие поддржуваат 85 згрижувачки семејства. Во четирите мали групни домови има 190 деца и млади. Сепак, оттаму велат, потребни се системски промени.
Потребата од згрижувачки семејства е постојана. Потребно е да се зголеми свеста за оваа хумана работа и да се подаде рака на децата во социјален ризик. Формата за згрижување е привремен облик на социјална заштита. Времетраењето на згрижувањето е онолку колку што е потребно и во интерес на самото дете.
Александра Спировска
