Одбележан Меѓународниот ден на децата

Децата со порака: Стоп за врсничкото насилство, секое дете заслужува безбедно детство

01.06.2026 19:06

По повод Меѓународниот ден на детето, ученици испратија силна порака против врсничкото насилство и побараа поголема безбедност во училиштата. Тие порачаа дека секое дете има право да расте без страв, да биде прифатено и почитувано.

Психичкиот терор меѓу врсниците станува наша сурова реалност. Жртвите најчество страдаат во тишина, немоќни да се пожалат бидејќи трагите од насилството не се видливи со око, додека во училишните ходници секојдневно се соочуваат со потсмев од група деца.

Марио Цуревски од гимназијата „Јосип Броз – Тито“ вели доколку има моќ да смени нешто би вовел емоционално – психолошко образование.

Да се биде дете значи да се игра, да се учи и да се расте без страв. Но, токму безбедноста во училиштата е една од темите што најмногу ги загрижува децата.

По повод Меѓународниот ден на детето, ученици спроти законодавниот дом испратија порака против врсничкото насилство.

Меѓународниот ден на детето е потсетник дека гласот на најмладите треба да се слуша секој ден, а не само на овој ден, зашто среќното детство е право, а не привилегија.

Децата велат дека секое дете треба да има право на образование, игра и слободно изразување на своето мислење.

Како изгледа детството низ очите на децата? Одговорите се различни, но сепак пораката е иста – секое дете сака да биде прифатено, сака разбирање и без насилства во училиштата.

Ана Јосифоска