Евроинтеграции

Муцунски бара гаранции од Брисел, Филипче повикува на референдум

01.06.2026 18:00

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски ја повика Бугарија да покаже поголема одговорност кон регионалната стабилност и безбедност, оценувајќи дека членството на Македонија во ЕУ има геостратешка важност. Во меѓувреме, СДСМ ја обвини Владата за застој во реформите и побара референдум за уставните измени како излез од евроинтегративниот ќор-сокак.

Софија треба да покаже свест и одговорност кон регионалната безбедност и стабилност-порача шефот на дипломатијата. Пристапувањето на Македонија кон ЕУ во моментов има геостратешко значење-оценува Муцунски и не гледа дека источниот сосед воопшто го загрижува ова прашање.

„Бидејќи односот на Софија по ова прашање во моментот е однос на неодговорност и негрижа. Ние сме земји-членки на НАТО. Невидено во ова време е, партнери на НАТО да си поставуваат такви препреки едни спрема други. Така кога Софија повикува ние да бидеме посимплицирани, мислам дека изјавата дека треба да бараме решенија да бидеме разумни. Јас ја повикувам Софија да погледне кон себе, да биде одговорна кон регионални процеси кои се од геополитички значење“, изјави шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.

Реформската агенда не е исполнета. На датумот кој е посочен како краен рок Владата не ги исполнила дадените ветувања, ни према македонските граѓани, ниту пак кон ЕУ. Според СДСМ исполнети се само половина од зацртаните цели. Не се донесени клучни закони од областа на правосудството, а не е направен ниту чекор кон унапредување на евроинтегративниот процес – смета Филипче. Внесувањето на Бугарите во Уставот и референдумско изјаснување е предлогот на партијата за излез од ситуацијата.

„Распишете референдум и час поскоро продолжете го европскиот пат, затоа што немате право, никакво, ни политичко, ни морално, ова да го правите на Македонија и на генерациите, коишто со години чекаат да се случи европската приказна, посебно на новите и младите генерации, кои ако не го направите чекорот којшто не е никаков ризик по нашиот идентитет и јазик, едноставно оттука ќе се иселуваат во сè поголем број“, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Во пресрет на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Муцунски посочи дека постојат креативни идеи за достоинствен пристап кон Унијата. Позициите на Владата се конзистентни, без јасни гаранции од Брисел дека во иднина нема да има барања поврзани со историјата, идентитетот, јазикот и културата, како и исполнување на Хашките пресуди од страна на Бугарија нема уставни промени. Земјата досега има направено низа отстапки за остварување на целта – полноправно членство во Унијата-истакна Муцунски во однос на алтернативните решенија кои доаѓаат од членки на ЕУ.

Марина Стојанова-Тонева