Николоски: Македонија отвора пет нови авиолинии во услови на глобална авиокриза
Северна Македонија е единствена држава која во време на глобална авиокриза воведува нови авиодестинации, изјави вицепремиерот Александар Николоски. Тој најави отворање на пет нови линии од Скопје и Охрид, оценувајќи дека тие ќе придонесат за развој на туризмот и подобра поврзаност со европските дестинации.

Во следните неколку недели ќе бидат воспоставени пет нови авиолинии од македонските аеродроми, со што земјава останува единствена во регионот што отвора нови дестинации во услови на глобална авиокриза, изјави вицепремиерот Александар Николоски во поткастот „Риштази“.
Според него, „Австрија Ерлајнс“ ќе почне со редовни летови на релација Виена–Охрид, што ќе овозможи подобра поврзаност преку австриската престолнина. Воедно, „Визер“ воведува летови од полските градови Вроцлав и Краков кон Охрид, со што се очекува зголемен број туристи од Полска.
Од Скопје, пак, ќе бидат достапни две нови дестинации – Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија, кои ќе сообраќаат и по завршувањето на летната сезона.
Николоски истакна дека покрај развојот на авиосообраќајот, Македонија целосно го снабдува со керозин аеродромот во Приштина и делумно аеродромот во Ниш, што, како што рече, е резултат на добрата организација и капацитетите на скопскиот аеродром.
