Решен е проблемот со Бугарија за пругата, целта е поврзување Скопје- Софија до 2032 година
Проблемот со Бугарија околу железничкото поврзување е надминат и Македонија интензивно работи на изградбата на источниот железнички коридор, изјави вицепремиерот Александар Николоски. Тој посочи дека се добиваат позитивни сигнали од бугарска страна за изградбата на граничниот тунел, а целта е железничко поврзување меѓу Скопје и Софија до 2031 или 2032 година.

Проблемот со Бугарија во однос на изградбата на железничката пруга е решен и во моментов се работи на реализација на сите преостанати делници од Коридорот 8, изјави вицепремиерот Александар Николоски во поткастот „Риштази“.
Тој потсети дека во ноември минатата година бил потпишан меѓудржавен договор со тогашниот бугарски вицепремиер и министер за транспорт Гроздан Караџов, со што биле надминати техничките прашања поврзани со проектот.
Николоски нагласи дека Македонија веќе располага со железничка врска од Скопје до Куманово, а во јануари 2025 година бил пуштен во употреба делот Куманово – Бељаковце. Во тек е изградбата на делницата Бељаковце – Крива Паланка, додека за третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија е објавен тендер за надзор и наскоро се очекува тендер за избор на изведувач.
Според Николоски, проектот се реализира во соработка со Европската инвестициска банка, а за граничниот тунел се добиваат позитивни сигнали од бугарска страна. Двете земји се согласиле изградбата да се одвива според македонскиот проект, со цел железничкото поврзување меѓу Скопје и Софија да биде завршено до 2031 или 2032 година.
