Блиски Исток

Судирите на Блискиот Исток продолжуваат и покрај согласноста за прекин на огнот

02.06.2026 19:06

И покрај договорот за делумно примирје, судирите меѓу Израел и Хезболах продолжуваат во јужен Либан. Доналд Трамп соопшти дека по разговорите со двете страни е постигната согласност за прекин на огнот, додека Либан потврди дека Хезболах го прифатил американскиот предлог. Сепак, Израел предупредува дека нападите ќе продолжат доколку не престанат заканите кон неговите граѓани.

Судирите продолжуваат во јужен Либан и покрај тоа што Израел и Хезболах го прифатија американскиот план за спроведување на делумно примирје. Трамп изјави дека разговарал со двете страни и тие се согласиле дека секое пукање ќе престане, откако Техеран предупреди дека израелските воени акции во Либан се закана за сегашното примирје меѓу САД и Иран.

„Имав разговор со Биби Нетанјаху, замолив да не влегува во голем напад врз Бејрут, Либан. Тој ги врати своите трупи. Ти благодарам Биби! Разговарав и со претставници на лидерите на Хезболах и тие се согласија да престанат да пукаат врз Израел. Исто така, Израел се согласи да престане да пука врз нив. Да видиме колку долго ќе трае тоа – се надевам дека ќе биде за вечност“, напиша Трамп, на својата социјална мрежа „Трут Соушл“.

Либан соопшти дека Хезболах го прифатил американскиот предлог за прекин на нападите врз Израел. Нетанјаху го потврди договорот, но предупреди дека нападите врз Бејрут ќе продолжат доколку Хезболах не престане да ги напаѓа градовите и цивилите.

„Нека знае секој што крои зло против Израел дека неговите планови ќе пропаднат. Цената што ќе ја плати ќе биде исклучително висока. Цената што Иран веќе ја плати е многу тешка. Темелите на овој режим на терор во Иран се скршени. Нема да се врати на тоа што беше и ви велам – на крајот ќе падне“, изјави Бенјамин Нетанјаху- премиер на Израел.

„Додека Хезболах им се заканува на нашите граѓани, Израел ќе дејствува каде што е потребно за да ги одбрани. Ако нема мир во северен Израел, нема да има мир за Хезболах. Ако нашите деца бегаат во засолништа, раководството на Хезболах нема да ужива во безбедно засолниште, ниту во јужен Либан, ниту во Бејрут, изјави Дени Данон – амбасадор на Израел во ОН.

САД и Иран интензивно ја преговараат рамката на договорот за завршување на војната, вклучително и продолжување на прекинот на огнот што е во сила од 8 април. И покрај примирјето, двете страни во последните недели неколку пати разменија оган.

Катерина Бојаџиева