Скопје

Министерството за спорт го предаде во употреба новиот затворен базен во Карпош

02.06.2026 12:06

Борко Ристовски, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, денеска официјално го пуштија во употреба новиот базен кај спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во Скопје...

Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, денеска официјално го пуштија во употреба новиот базен кај спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во Скопје.

Станува збор за базен од затворен тип со должина од 25 метри и ширина од 9 метри, кој по пуштањето во употреба, ќе биде предаден во владение на Општина Карпош.

Изградбата на базенот започна во 2023 година од тогашната Агенција за млади и спорт, но проектот подоцна беше оставен недовршен. Министерството за спорт, во рамките на Програмата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура, го отпочна процесот на откочување на затекнатите и заглавени инфраструктурни проекти, обезбеди средства и ја заврши нивната реализација со цел тие што поскоро да бидат ставени во функција на спортот и на граѓаните.

Министерот за спорт Борко Ристовски ја истакнаа важноста на инвестициите во спортската инфраструктура како предуслов за развој на спортот, рекреацијата и здравите животни навики кај младите.

Поздравувајќи ја реализацијата на овој проект, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски нагласи дека „ветувањата што се дадени треба и да се реализираат“ и дека Владата ќе продолжи да работи посветено во таа насока и во наредниот период.

Со завршувањето на базенот во Карпош продолжува реализацијата на проектите за изградба на затворени базени низ државата. Претходно беа завршени и предадени на општините базените во ООУ „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода и во Штип, а наскоро во употреба ќе бидат пуштени и затворените базени во Битола, Кичево и во Општина Ѓорче Петров, а Министерството за спорт ја почна и изградбата на базените во Струмица и во Кавадарци.

Инвестициите во спортската инфраструктура се еден од клучните приоритети во работата на Министерството за спорт и претставуваат основа за создавање подобри услови за работа на спортистите, развој на младинскиот спорт и поголема достапност на спортските содржини за сите граѓани.

Со реализацијата на овие проекти, Министерството за спорт создава современи услови за развој на пливањето, рекреацијата и спортот воопшто, обезбедувајќи спортска инфраструктура која ќе биде достапна за што поголем број граѓани низ целата држава.