Десетици загинати и стотици повредени во голем руски напад врз градови низ Украина
Десетици загинати и стотици повредени во голем руски напад врз градови низ Украина во текот на ноќта. Зеленски повторно упати апел до сојузниците и до американскиот претседател Трамп за испорака на противвоздушиот систем Патриот...

Жителите на украинската престолнина одново во виорот на ужасите на војната. Со повеќе од 70 ракети и над 700 беспилотни летала изминатата ноќ Киев беше таргет на руските сили. Десетици загинати и стотици ранети е исходот по жестоките руски напади во главниот град на Украина. Разрушени станбени згради, уништена патна и енергетска инфраструктура во над осум киевски области. Жителите ноќта ја минаа ви скривниците и во подземните метро станици, барајќи спас од бесот на руските проектили. Некои од нив сведочат дека изминатата ноќ била најтешката од почетокот на војната.
„Беше ужасна ноќ, беше една од најлошите што сум ги доживеал. Решив да одам во засолништето оваа вечер и тоа беше правилна одлука, бидејќи некој дрон падна токму тука, недалеку од местото каде што живеам“, изјави Елиас Фаријас, градежен инженер, жител на Киев.
„Видов пламен од остатоци, сакав да видам што се случува и во тој момент прелета, од експлозијата ми се спушти превез на очите, ништо не гледав, само во далечина го слушнав крикот на жена ми. Доползев до неа, фала му на бога што сме живи“, изјави Евген Днипровски, жител на Киев.
„Имав среќа! Само мекото ткиво ми е погодено и кожата ми е исечена. Сега немам каде да живеам, станот е целосно уништен, нема врати, нема прозорци, нема балкон, излезот е директно од собата на улицата“, изјави Олена Днипровска, жителка на Киев.
Украинските сили за воздушна одбрана успеале да пресретнат над 70 ракети и повеќе од 600 дронови, јавуваат властите на Киев. Спасувачките операции беа на терен и во време на тревога, се до раните утрински часови, обидувајќи се да извлечат што поголем број преживеани од под урнатините. Градоначалникот на Киев соопштува за големи материјални штети.
„Уште еден масовен напад врз главниот град – беспилотни летала, ракети. Во различни области од градот, оштетени згради, станбени области. Службите за итни случаи сега работат на отстранување на последиците од нападите. Сега сум тука во областа Подилск. Има оштетени згради и ранети луѓе“, изјави Виталиј Кличко – градоначалник на Киев.
Засилените руски напади доаѓаат во време кога стагнираат дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина, по ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток. Претходно, и украинскиот претседател зеленски во неколку наврати предупреди дека Русија се подготвува за голема воздушна офанзива.
Маја Стојанова
