МВР

Девет возачи приведени поради безобѕирно возење – шестмина без дозвола, еден пијан и двајца со активна забрана

02.06.2026 20:31

Во изминатите 24 часа полицијата лишила од слобода девет возачи низ државата поради безобѕирно управување со возила. Шестмина биле затекнати зад волан без возачка дозвола, еден возел под дејство на алкохол, а двајца управувале возило и покрај изречена активна забрана.

Полициските службеници во текот на изминатото деноноќие лишиле од слобода девет возачи на територијата на државата поради безобѕирно управување со моторни возила.

Од нив, шест лица биле затекнати како управуваат возило без возачка дозвола. Двајца од возачите биле приведени во Скопје, а по еден случај е регистриран во Чашка, Гевгелија, Битола и Кичево.

Дополнително, едно лице во Скопје и едно во липковскиот регион управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за возење.

Во Берово, пак, бил приведен возач на трактор кој управувал под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,74 промили алкохол во крвта. Според полицијата, тој агресивно се однесувал кон полициските службеници.

По целосно документирање на случаите, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возила без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел да се придонесе за поголема безбедност во сообраќајот.