Оперативен план

Нови мерки за вработување вредни 40 милиони евра

02.06.2026 18:02

Грантови за самовработување, поддршка за отворање нови работни места, додатоци на плата за млади работници и обуки се дел од новиот Оперативен план за вработување вреден околу 40 милиони евра. Министерот за економија најави дека првите огласи ќе бидат објавени наскоро.

Грантови од 615.000 денари за млади кои сакаат да започнат сопствен бизнис. Сума во вредност од 1,25 милиони денари за компаниите што ќе отворат нови работни места. Ќе земат и по 3.000 денари додаток за плати  на млади лица во производствените дејности.

Финансиска поддршка и за повратниците од странство кои ќе отворат фирми во земјава. Десетина илјади лица ќе бидат поддржани со оперативниот план за вработување вреден 40 милиони евра. Првите огласи се очекува да бидат објавени во најскоро време, а останатите ќе бидат објавувани етапно.

Лани, речиси 12.000 лица користеле некоја од мерките за вработување.

Минатата година најголем интерес имало за самовработување. Над 2.600 лица успеале да отворат сопствен бизнис.

Работната група ќе го чешла и списокот на оние кои земаат социјална помош. Во моментов околу 90.000 луѓе се евидентирани како невработени, но има и такви кои земаат поддршка од државата, а работат. Според министерот за економија, потребни се и измени на законот.

Дурмиши најави и санкции за компании кои нудат плата под минималецот, реакција по информациите на официјалната интернет-страница на агенцијата каде во моментот има огласи за дури 9.000 вакви работни места.

Ана Јосифоска