Статистика

Индустриското производство во април порасна за 7,6 проценти- најголем раст во енергетскиот сектор

02.06.2026 20:08

Индустриското производство во април годинава е зголемено за 7,6 проценти во споредба со истиот месец лани. Најголем раст е регистриран во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, додека преработувачката индустрија продолжува да бележи позитивни резултати поттикнати од зголеменото производство во повеќе гранки.

Индустриското производство во април 2026 година бележи раст од 7,6 проценти во однос на април минатата година. Според објавените податоци, пораст е регистриран во сите клучни индустриски сектори.

Во секторот Рударство и вадење камен производството е зголемено за 4,3 проценти, во Преработувачката индустрија за 6,8 проценти, додека најголем раст од 22,6 проценти е забележан во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Растот во преработувачката индустрија најмногу се должи на зголеменото производство на прехранбени производи, пијалаци, тутунски производи, хемикалии и хемиски производи, производи од гума и пластика, неметални минерални производи, фабрикувани метални производи, како и машини и уреди.

Според главните индустриски групи, најголемо зголемување е регистрирано кај енергијата – 17,2 проценти, како и кај интермедијарните производи, без енергија, каде растот изнесува 14,1 процент. Пораст има и кај капиталните производи за 1,5 процент и кај нетрајните производи за широка потрошувачка за 5,5 проценти. Намалување од 4,9 проценти е забележано само кај трајните производи за широка потрошувачка.

Во периодот јануари – април 2026 година, индексот на индустриското производство изнесува 100,2, што укажува на благо зголемување во споредба со истиот период минатата година.