Владата го усвои предлог законот за заштита од пушење
Владата денеска го усвои Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, објави на Фејсбук министерот за здравство Азир Алиу...

Владата денеска го усвои Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, објави на Фејсбук министерот за здравство Азир Алиу.
„Ова е важен чекор за јавното здравје и за заштита на децата, непушачите, работниците и граѓаните.
Постојниот закон датира од 1995 година. По речиси три децении, реалноста е променета: денес имаме електронски цигари, нови никотински производи, онлајн рекламирање, социјални мрежи и нови форми на промоција кои директно влијаат врз младите.
Овој закон е резултат на долг процес на консултации, анализи и усогласување со институциите, инспекциските органи, угостителскиот сектор, индустријата, експертите, граѓаните и со професионална поддршка од Светската здравствена организација. Со овој закон поставуваме појасни правила за јавните и работните простори, за терасите, за новите тутунски и никотински производи, за рекламирањето и промоцијата, како и за заштита на децата во близина на училиштата, здравствените установи и просторите каде што престојуваат деца.
Ова не е закон против никого. Ова е закон за здравје, за деца, за почист воздух и за јавна одговорност“, напиша Алиу.
