Врие на Блискиот исток
Сирени за тревога во Кувајт и Бахреин откако Иран изврши ракетен бараж како одмазда за американски напади во Ормускиот теснец. САД потврдија дека погодиле и танкер за нафта што пловел кон Иран и се обидел да ја пробие поморската блокада. Од Иранската револуционерна гарда велат дека претходно предупредиле оти на секоја агресија ќе одговорат поинаку и посилно. Најновата ескалација следува во услови на застој во преговорите за прекин на огнот.

Нова ескалација на Блискиот Исток. Американската армија одби голем ирански напад со балистички ракети и беспилотни летала насочени кон Персискиот Залив. Сирени за тревога со огласија во Кувајт и Бахреин. Според достапните информации, причина за воените дејствија е нападот од страна на американската војска во близина на островот Харг. САД потврдија дека погодиле танкер за нафта што пловел кон Иран и се обидел да ја пробие поморската блокада во Ормускиот теснец. Од Револуционерната гарда велат дека претходно предупредиле оти на секоја агресија ќе одговорат поинаку и посилно.
Најновата ескалација следува во услови на застој во преговорите за прекин на огнот. Пред комитетот за надворешни работи на Сенатот, државниот секретар Рубио рече дека има индикации оти Врховниот лидер Хамнеи е сè поангажиран во дискусиите поврзани со конфликтот и преговорите. Демократите упатија остри тонови кон државниот секретар и обвинувања кон претседателот Трамп дека влегол во војната во име на Израел.
„Услов број еден е дека мора повторно да го отворат теснецот. А повторното отворање на теснецот значи дека бродовите можат да пловат низ меѓународните води без да бидат пукани, без да плаќаат патарина. Иран е санкциониран затоа што има високо збогатен ураниум. Иран е санкциониран поради неговите нуклеарни активности. Ако се согласат да се откажат од тие работи, ќе има олеснување на санкциите поврзани со нивната посветеност и усогласеност“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
По вонредната седница на Советот за безбедност Обединетите нации одново ги осудија континуираните борби во Либан и предупредија за тешката положба на жените во конфликтот. Меѓу раселените има 13.500 бремени жени, а земјата се соочува со криза во здравството и заштитата.
„И покрај прекинот на огнот што е во сила, непријателствата не престанаа. Луѓето низ Либан, особено жените и девојчињата, се соочуваат со ужасни нивоа на насилство, раселување и човечки загуби. Само вчера, наредбите за присилна евакуација во Бејрут и интензивните напади во јужен Либан додадоа нов обем на неизвесност што создава паника и вознемиреност“, изјави Анандита Филипозе, претставник на Фондот за население на ООН во Либан.
Американски и израелски претставници изјавија дека дијалогот во Вашингтон стартувал како што е планирано и покрај неодамнешните случувања.
Маријана Димовска
