Сцена
Осум концерти и музички документарец на јубилејното 25-то издание на Оффест
03.06.2026 11:32
Од денеска до 6-ти јуни ќе се одржи 25-тото издание на Оффест, кое ќе понуди осум концерти во четири фестивалски вечери и проекција на музички документарен филм. Организаторот, Скопскиот џез фестивал, најавува учесници од 12 земји, а годинашниот фокус е ставен на африканската музичка сцена.

Јубилејниот 25-ти Оффест започнува вечерва во Националната опера и балет и ќе трае до 6-ти јуни, со програма составена од осум концерти и проекција на музички документарец.
Според организаторот, Скопскиот џез фестивал, годинава ќе настапат уметници од 12 земји, а посебен акцент е ставен на современата африканска музика. Фестивалот ќе биде отворен со настапите на триото „Guitari Baro“ од Гвинеја и Мали и јужноафриканската група BCUC.
Во следните денови пред публиката ќе се претстават и норвешкиот виолинист Нилс Окланд, македонскиот дует „Добрила и Доријан“, шпанско-италијанското дуо Раул Рефри и Марија Мацота, како и африканската женска група „Les Amazones d’Afrique“.
Завршната вечер ќе се одржи во Младинскиот културен центар со настапи на музичари од Мозамбик и Танзанија, а во кино „Фросина“ ќе биде прикажан бразилскиот музички документарец „Elis & Tom – It had to be you“.
