Сојузниците на Киев ги осудија руските напади
Украина возврати по серијата разорни руски напади врз Киев и други региони во кои загинаа десетици луѓе, а над сто беа повредени. Нападот се случи во екот на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург на кој се очекува обраќање на Путин. Жртви има и во Доњецк, а не стивнуваат ни нападите врз Украина. Зеленски обвини дека Русија не би можела да ја одржува воената машинерија без поддршка од земјите што ѝ помагаат да ги заобиколи санкциите. Обединетите нации ги осудија нападите врз цивили и побараа итен прекин на огнот. Мировните преговори повторно во ќор-сокак.

Украина ја почна одмаздата по големите напади врз Киев и други региони во кои загинаа десетици, а над сто беа ранети. Дронови погодиле цели во Русија, има жртви во Доњецк и оштетена инфраструктура во Санкт Петербург, кратко пред отворањето на меѓународниот економски форум, на кој се очекува да се обрати Путин. Изминатото деноноќие воените дејствија не запреа ниту на територијата на Украина. Зеленски прстот го впери кон земјите што и помагаат на Москва да ги заобиколи санкциите.
„Уште еднаш, Путин и неговото лудило „прогласија победа“ над животите на обичните деца, станбените згради и клиниката во Киев. Секое од овие беспилотни летала, сите видови руски ракети, воопшто не може да се произведе без компоненти увезени од други земји. Ова значи дека во секој таков напад, можеби не секогаш свесно, но сепак реално, има соучество на оние кои работат за Русија, кои ја снабдуваат со пари, кои ѝ помагаат да ги заобиколи санкциите“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.
Обединетите нации ги осудија руските воздушни напади врз украинските градови и повикаа на итна деескалација што ќе доведе до целосен и прекин на огнот.
„Уште еднаш нагласуваме дека нападите врз цивили и цивилна инфраструктура се забранети според меѓународното хуманитарно право и мора веднаш да престанат. Исто така, го повторуваме итниот апел на генералниот секретар за итна деескалација што ќе доведе до целосен, итен и безусловен прекин на огнот во овој конфликт“, изјави Стефан Дужарик – портпарол на генералниот секретар на ОН.
Преговорите за прекин на војната која трае повеќе од четири години, моментално се во застој.
Катерина Бојаџиева
