БЛИСКИ ИСТОК

Нови тензии меѓу САД и Иран додека дипломатските напори остануваат во ќор- сокак

03.06.2026 15:56

Во Персискиот Залив продолжуваат воените инциденти и меѓусебните обвинувања меѓу Вашингтон и Техеран. Додека Рубио поставува услови за олеснување на санкциите, Кина и Обединетите нации повикуваат на почитување на прекинот на огнот и политичко решение.

Врие во Персискиот Залив. Американската армија одби голем ирански напад со балистички ракети и беспилотни летала. Сирени се огласија во Бахреин, меѓународниот аеродром во Кувајт беше затворен по удар со дрон. Централната команда на САД потврди дека погодиле танкер за нафта што пловел кон Иран и се обидел да ја пробие поморската блокада. Од Револуционерната гарда велат дека напаѓаат непријателски цели како одговор на воените дејствија на САД на островите во Ормускиот теснец.

Најновата ескалација следува во услови на застој во преговорите за прекин на огнот. Државниот секретар Рубио рече дека Врховниот лидер Хамнеи е сè поангажиран во дискусиите поврзани со конфликтот и преговорите.

„Услов број еден е дека мора повторно да го отворат теснецот. А повторното отворање на теснецот значи дека бродовите можат да пловат низ меѓународните води без да бидат пукани, без да плаќаат патарина. Иран е санкциониран затоа што има високо збогатен ураниум. Иран е санкциониран поради неговите нуклеарни активности. Ако се согласат да се откажат од тие работи, ќе има олеснување на санкциите поврзани со нивната посветеност и усогласеност“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Демократите во Сенатот упатија остри тонови кон државниот секретар и обвинувања кон претседателот Трамп дека влегол во војната во име на Израел. Меѓународната заедница апелира за крај на конфликтот.

„Кина се надева дека сите засегнати страни ќе ја ценат можноста за мир, ќе ги почитуваат обврските кон прекинот на огнот и ќе останат посветени на решавање на споровите преку политички и дипломатски средства“, рече Мао Нинг, портпаролка на МНР на Кина.

По вонредната седница на Советот за безбедност, Обединетите нации одново ги осудија континуираните борби во Либан и кризата во здравствената заштита.

„И покрај прекинот на огнот што е во сила, непријателствата не престанаа. Луѓето низ Либан, особено жените и девојчињата, се соочуваат со ужасни нивоа на насилство, раселување и човечки загуби. Само вчера, наредбите за присилна евакуација во Бејрут и интензивните напади во јужен Либан додадоа нов обем на неизвесност што создава паника и вознемиреност“, рече Анандита Филипозе, претставник на Фондот за население на ООН во Либан.

Американски и израелски претставници велат дека дијалогот со посредство на Вашингтон стартувал како што е планирано и покрај неодамнешните случувања.

Маријана Димовска