ДКСК

Закон за лобирање да се применува во практика, бара Антикорупциска

03.06.2026 18:39

Антикорупциската комисија бара Законот за лобирање посериозно да се сфати и да се применува во пракса. Треба во регистер јасно да биде евидентирано секој што лобира, за кого лобира и со каква цел. Во фокусот на Комисијата проверките за потеклото на имотот на десетици функционери...

Закон за лобирање во практика, а не само на хартија – бара Антикорупциската комисија. И покрај тоа што Законот е донесен пред неколку години, неговата примена е сè уште ограничена. Работна група ќе работи на измени – со нив, точно треба да се знае кој лобира, за кого и која е целта. Од ДКСК алармираат дека лобирањето треба да се сфати посериозно, бидејќи тоа е едно од барањата и на Европската комисија. Целта е, влијанието врз носителите на јавни одлуки да биде евидентирано, транспарентно и во согласност со Законот.

„Знаеме дека постои лобирање но во Македонија тоа се гледа како коруптивно влијание. Целта на овој закон и на нашите европски партнери кои го промовираат е влијание кое се врши врз носителите на јавни функции да биде забележано. Вака лобистите се приватни лица, страната што бара да се изврши лобирање може да е било каква организација, а лобирани органи се државни институции и тие треба да водат евиденција, да водат записник“, изјави Адем Чучуљ – претседател на ДКСК.

По тринеделната кампања за подигање на јавната свест за лобирањето, Државната комисија за спречување на корупцијата регистрираше прв лобист, покрај трите лоби-организации и петте застапници на лоби-организации кои претходно се впишани во регистарот. Од тркалезните маси со претставници на институции, бизнис-секторот и граѓанските организации произлегле заклучоци – дека сè уште постои недоволно разбирање за лобирањето.

Од Антикорупциска потсетија дека годинава ја следат имотната состојба на 60-тина функционери-судии, јавни обвинители, пратеници, министри, градоначалници. Меѓу нив има и 10 лица на кои во 2025 година им престанала функцијата градоначалник.

Андријана Ѓурческа