Сиљановска-Давкова во Братислава ја посети изложбата „Од глаголица до светлина“
Во рамки на официјалната посета на Словачка, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Братислава ја посети мултимедијалната изложба „Од глаголица до светлина: Визуелна ода за Св. Кирил и Методиј“, оценувајќи дека уметноста е еден од најсилните облици на културна дипломатија и поврзување меѓу народите.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на официјалната посета на Словачката Република, во Братислава ја посети мултимедијалната изложба „Од глаголица до светлина: Визуелна ода за Св. Кирил и Методиј“, посветена на духовното и културното наследство на светите браќа и словенската писменост.
Кураторот Кирил Пенушлиски ги претстави делата на македонските уметници Александра Костадиновска, Ана Митевска, Ангел Коруновски и Лазе Трипков, реализирани преку сликарство, фотографија и дигитални медиуми.
Сиљановска-Давкова ја оцени изложбата како импресивна и моќна, нагласувајќи дека креативноста, умот и талентот ги надминуваат географските растојанија и ги поврзуваат народите преку заедничкото културно наследство.
„Далечината меѓу Скопје и Братислава исчезнува за миг, а она што нѐ поврзува е глаголицата“, изјави претседателката, додавајќи дека делото на светите Кирил и Методиј претставува жив цивилизациски код што ги обединува словенските народи.
Кураторот Пенушлиски се заблагодари за поддршката од македонската амбасада во Братислава, Министерството за култура и туризам и Националниот центар за култура и образование во Братислава, изразувајќи очекување изложбата да биде претставена и во други градови.
