Македонија

Реформите во судството и обвинителството реализирани над 81 процент, покажува извештајот на Министерството за правда

03.06.2026 19:45

Реализацијата на Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028 во текот на 2025 година достигнала 56,9 проценти, додека спроведувањето на реформите во судството и јавното обвинителство надминало 81 процент, соопшти Министерството за правда при промоцијата на годишниот извештај.

Министерството за правда денеска го претстави Годишниот извештај за спроведувањето на Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028 за 2025 година, во кој е наведено дека реформските процеси во правосудниот сектор се одвиваат со континуирана динамика.

Според извештајот, во текот на минатата година биле планирани 116 активности, од кои 66 се целосно реализирани, а 50 се во тек, што претставува вкупна стапка на реализација од 56,9 проценти.

Најголем напредок е забележан во областа на судството и јавното обвинителство, каде реализацијата на предвидените мерки надминува 81 процент. Кај реформите поврзани со Уставниот суд, степенот на реализација достигнал 75 проценти.

Министерот за правда Игор Филков оцени дека резултатите потврдуваат оти реформите носат конкретни ефекти во насока на поефикасно правосудство, поголема правна сигурност и посилни институции.

Во извештајот како приоритети за наредниот период се посочени понатамошната дигитализација на правосудството, јакнењето на институционалните капацитети, инвестициите во човечки ресурси и подобрувањето на координацијата меѓу институциите.

Од Министерството за правда најавуваат продолжување на активностите од Акцискиот план со цел создавање современ, ефикасен и транспарентен правосуден систем усогласен со европските стандарди.