Собрание

Комисиска расправа за Законот за игри на среќа

03.06.2026 19:16

Предлог-законот за игри на среќа пред народните избраници на собраниската Комисија за економски прашања. Постојното законско решение нема ограничување во однос на рекламирањето и оддалеченоста од училиштата, што ја наметна потребата од нов закон, велат од Министерството за финансии. Опозицијата со став, има потребата од нов закон, но и построги критериуми од предложеното.

Ограничување на рекламирањето, на лиценците и на оддалеченоста од училиштата, се главните поенти на новиот предлог закон за игри на среќа. Актуелното законско решение има големи недостатоци, што ја наметнува потребата од нова подетална законска регулација, со цел зајакнување на надзорот, контролата и заштитата на граѓаните, истакнаа од Министерството за финансии, на првото читање во матичната комисија.

Од опозицијата се согласуваат дека постои потреба од ново законско решение, но сметаат дека актуелниот предлог има недостатоци и контрадикторности. Бараат целосно затворање на казината во населените места и построго ограничување на рекламирањето.

Од власта пак велат, поранешни државни функционери денеска го критикуваат она што во минатото лично и директно можеле да го сменат.

Од Здружението на вработените во секторот игри на среќа, пак, велат дека осум години се заложници на политички структури кои си поигруваат со нивните судбини и дека нивните идеи и предлози се игнорирани од страна на власта.

Предлог законот ќе се гласа во македонското собрание во редовна постапка. По денешното, прво читање на матичната комисија за финансирање и буџет, почнува процедурата во која ќе има можност за амандмани и јавна расправа.

Марија Котовска