Економија

БДП расте седум квартали по ред, се најавува намалување на јавниот долг

03.06.2026 16:27

Бруто-домашниот производ во последниот квартал е зголемен за 3,1 отсто, поттикнат од индустријата, градежништвото и извозот. Владата истовремено ја зацртува фискалната политика за следните години, со план јавниот долг постепено да се намали на 56,1 отсто од БДП.

Седми квартал по ред БДП бележи раст, во последниот од 3,1 насто според податоците на Државниот завод за статистика. Македонија останува во првите пет економии и според најновите податоци на Еуростат, вели премиерот Мицкоски.

Најголем удел во растот на македонската економија имаат зголеменото индустриско производство за 7,6 насто споредено со истиот период лани, градежништвото, трговијата и зголемениот извоз, како и личната потрошувачка.

Со план за намалување на долгот, усвоена е стратегија со која ќе се обезбедат средства за буџетски потреби, капитални инвестиции и инфраструктурни проекти, но и за отплата на претходно преземени обврски.

За две години се вратени 4,6 милијарди евра, рече министерката Димитриеска-Кочоска. Министерството за финансии ја заокружи отплатата на еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра.

Тенденцијата е јавниот долг до 2031 година да се намали на 56,1 насто од БДП.

Александра Велинова